Производителот на паметни прстени Ultrahuman склучи двегодишен меморандум за соработка со Центарот за јавно здравје на Абу Даби, со цел развој и клиничка валидација на модел за процена на биолошка возраст. Компанијата планира системот со текот на времето да стане достапен за луѓето низ Обединетите Арапски Емирати.

Моделот треба да комбинира клинички биомаркери со податоци добиени од уреди што се носат на телото. Неговата намена е да процени со какво темпо старее организмот на поединецот и да посочи кои фактори можат да го забрзуваат или забавуваат тој процес. Меѓу сигналите што ќе се земаат предвид се спиењето, физичката активност, кардиоваскуларното здравје и метаболизмот.

Ultrahuman е најпознат по паметниот прстен Ultrahuman Ring, но новата соработка ја проширува улогата на компанијата надвор од продажбата на хардвер. Прстенот останува еден од начините за собирање податоци од корисниците, додека развојот се насочува кон алгоритми поврзани со стареењето, долговечноста и превентивното здравје.

Сепак, системот не е замислен само за паметни прстени. Ultrahuman наведува дека моделот ќе биде независен од конкретен wearable уред, па ќе може да користи информации од прстени, уреди што се носат на зглоб, ремени и сензорски фластери, заедно со клиничките резултати.

По завршувањето на истражувањето и валидацијата, пристапот до проценетата здравствена возраст би требало да биде овозможен преку државните дигитални здравствени платформи TAMM и Sahatna. Поширокото воведување ќе се одвива по фази, без објавен временски распоред.

Основниот модел е развиен врз база на постојните податоци на Ultrahuman, со споредување на хронолошката возраст со сигнали од wearable уреди и, кај дел од корисниците, со показатели од крвни тестови. Компанијата вели дека моделот нема да се обучува со податоци од ОАЕ и дека нема да добива пристап до лични податоци што можат да го идентификуваат поединецот.

Ultrahuman досега продал околу 800.000 паметни прстени во светот. ОАЕ е меѓу неговите десет најголеми пазари и носи меѓу 4 и 5 проценти од вкупните приходи на компанијата.