Nikon наводно подготвува mirrorless наследник на D500, својата некогашна предводничка DSLR камера со APS-C сензор. Моделот, кој во гласините се споменува како Nikon Z70, би можел да пристигне до крајот на 2026 година и да донесе посериозна опција во DX-сегментот на компанијата.

D500 беше наменета за фотографи кои снимаат спорт, див свет и настани. Таа се истакнуваше со издржливо куќиште, два слота за мемориски картички и брзо сериско фотографирање. Потенцијалната Z70 би требало да ја пренесе таа идеја во системот со Z-приклучок, како APS-C еквивалент на професионалните mirrorless модели на Nikon.

Сè уште нема потврдени технички спецификации, но очекувањата се за поцврста конструкција од онаа на Nikon Z50 II, како и побрз сензор. Се споменува и можност за стабилизација на сликата во самото куќиште, заедно со високи брзини при континуирано снимање. Таквата конфигурација би ја поставила камерата меѓу моделите наменети за ентузијасти и професионалци кои имаат потреба од брзина и подолг досег на објективите.

Индикација за видео можностите се појави во август, кога името Z70 било забележано на официјалната листа на Apple за овластени ProRes и ProRes RAW производи. Тоа отвора можност камерата да поддржува интерно снимање во ProRes RAW, но Nikon нема објавено официјални детали за ваков модел.

Ако се појави со овие карактеристики, Z70 би се натпреварувала со Canon EOS R7, Fujifilm X-H2S и Sony A6700. Сепак, изборот на објективи за Nikon DX камерите останува поограничен во споредба со некои конкурентски системи.

Во таа насока е значајно што Sigma неодамна го најави својот 16-300mm zoom за Nikon Z-приклучок. Објективот нуди еквивалентен опсег од 24 до 450 mm и е првиот zoom модел на Sigma за овој приклучок. Не е наменет како светол професионален објектив за најсложени спортски сцени, но неговото пристигнување може да најави поширока понуда за APS-C корисниците на Nikon.