Кинески технолошки компании во текот на една година купиле повеќе од еден милион графички процесори на Nvidia од гејмерската и професионалната понуда, според извештај на Financial Times пренесен од Tom’s Hardware. Набавките треба да ја намалат разликата меѓу домашното производство на чипови и растечката потреба од пресметувачка моќ.
Извештајот се повикува на извори од индустријата, според кои кинеското производство на домашни чипови годинава е двојно зголемено. Сепак, тоа не е доволно за побарувачката на најголемите компании во земјата. Се очекува производство од околу 3,5 милиони чипови, додека потребите надминуваат пет милиони единици. Недостигот се проценува на речиси 1,5 милиони чипови.
Како замена, компаниите наводно се насочиле кон Nvidia модели што се усогласени со американските извозни ограничувања. Најчесто се споменуваат RTX Pro 6000D, RTX Pro 5000 и GeForce RTX 5090. Станува збор за процесори на архитектурата Blackwell, првично наменети за професионални работни станици и за ентузијасти во гејмингот.
Овие модели не се директна замена за најмоќните домашни решенија, меѓу кои е Huawei Ascend 910C, но можат да се користат за поедноставни пресметувачки задачи, вклучително и почетната обработка на барања. Важен фактор за нивната привлечност останува софтверската платформа CUDA на Nvidia, која извештајот ја наведува како поповолна опција во однос на Huawei Cann.
Зголеменото купување може дополнително да влијае и врз достапноста на графички картички за ентузијастите. RTX 5090 има препорачана цена од 1.999 долари, но Tom’s Hardware наведува дека картичката во моментот се наоѓа кај само неколку продавачи од трета страна, со цени што почнуваат од 7.199 долари.
Во исто време, претходни информации посочија дека Nvidia го запрела производството на RTX 5090. Како можна замена се споменува RTX 5080 со 24 GB меморија, наспроти 32 GB кај RTX 5090.
