GPT-6 Astra успеал да дешифрира воена порака од 1809 година, испратена во периодот на Наполеоновите војни. Кодот го анализирал инженерот Картер Черч, кој пронашол писмо со информации за распоредот на француските и сојузничките трупи во онлајн архива.
Пораката содржела комбинација од симболи, бројки и букви, а рачното решавање би можело да трае со недели. Со помош на GPT-6 Astra, дешифрирањето било завршено за шест часа. Резултатот го проверил Сатоши Томокијо, патентен инженер кој одржува онлајн листа на нерешени шифри наменети за ентузијасти и криптографи.
Случајот покажува колку корисни можат да бидат ваквите системи при анализа на историски документи што долго останале без решение. Наместо само да обработуваат големи количества текст, тие можат упорно да испробуваат можни правила, шаблони и замени во сложени кодови.
Во одделен случај, внатрешен модел на Anthropic ги истражувал параметрите што американската Национална безбедносна агенција ги објавила за елиптична криптографија. Елиптичните криви се користат при создавање криптографски клучеви, а почетните вредности, познати како seeds, со години биле предмет на сомнежи.
Истражувачите долго се прашуваа дали петте почетни вредности може да содржат намерно вградена слабост, која би овозможила полесно пробивање на заштитата. Моделот успеал да го проследи нивното потекло за помалку од 30 минути и не пронашол докази за слабости или скриени шеги во нивната конструкција.
Параметрите биле објавени пред повеќе од 25 години, а најголем дел од криптографската заедница и претходно сметала дека се безбедни. Затоа, според Anthropic, откритието не бара промени во постојните системи што ги користат овие криви.
Двата примери се различни по природа, но покажуваат напредок во решавање задачи што бараат трпеливо тестирање, математичка анализа и работа со голем број можни комбинации. Од историски воени шифри до современи криптографски стандарди, ваквите алатки сè почесто се применуваат за проверка на прашања што со години останувале отворени.
