ICANN забележува нов вид необичен сообраќај кон DNS инфраструктурата, овојпат поврзан со интернет-провајдери што за едно корисничко барање испраќаат повеќе паралелни DNS пребарувања до различни услуги.
На годишната конференција на организацијата во Бали беа презентирани податоци од програмата Identifier Technology Health Indicators, која ја следи безбедноста, стабилноста и отпорноста на системот за имиња на домени. Според наодите, кај дел од провајдерите секое DNS барање се испраќа до три резолвери: Google, Cloudflare и уште еден DNS сервис.
Поставувањето примарен и секундарен DNS резолвер е вообичаена мерка за достапност доколку една услуга не работи. Но, испраќањето на истото барање истовремено до повеќе резолвери не е типична практика, бидејќи DNS услугите и онака се дизајнирани да бидат отпорни на прекини.
ICANN регистрирала дека вакви барања се испраќаат и преку IPv4 и преку IPv6. Кај околу половина од барањата што не се достапни во кешот, повторувањето следува во рок од 100 милисекунди. Кај дополнителни 30 проценти, истото барање се повторува во период до 30 секунди.
Организацијата сè уште истражува дали станува збор за грешка во конфигурацијата или за намерно однесување на мрежите. Засега проценката е дека ваквата практика не доаѓа од големи провајдери, но може да стане проблем доколку се прошири или ја примени поголем оператор. Непотребните барања би можеле да создадат дополнително оптоварување за DNS инфраструктурата.
Ова следи по значително намалување на претходен извор на ваков сообраќај. Chromium, основата на Chrome и други прелистувачи, во 2020 година учествувал со околу 45 проценти од сообраќајот кон DNS root серверите поради механизам поврзан со избегнување DNS киднапирање. По промени од Google, уделот на Chrome денес е намален на околу еден процент.
ICANN воедно забележува и поголема концентрација на DNS услугите. Во 2020 година корисниците можеле да пристапат до речиси 250 групи DNS резолвери, додека денес бројот е под 150. Организацијата смета дека дел од причината може да биде намалувањето на бројот на оператори и поголемата видливост на услугите на големите технолошки компании.
