Лондон од град меѓу раните европски престолнини со 5G покриеност се најде на дното според перформансите на мобилните мрежи. Најновите мерења на Ookla за третиот квартал од 2026 година покажуваат дека британската престолнина има најниска средна брзина на преземање и испраќање податоци меѓу 18 европски престолнини, како и највисока латентност при големо оптоварување.

Средната брзина за преземање во Лондон изнесувала 109,43 Mbps, додека за испраќање податоци била 11,40 Mbps. Градот бил седми на европската листа во 2021 година, но растот на мобилниот сообраќај бил побрз од додавањето нов мрежен капацитет. Другите големи градови во меѓувреме продолжиле да напредуваат. Париз, на пример, од средината на 2021 година одржува средни 5G брзини над 225 Mbps.

Проблемот во Лондон е особено видлив во централните делови во работни денови. Со доаѓањето на патниците во утринските часови, средната брзина за преземање паѓа на 80,07 Mbps, што е 27 отсто под нивото измерено во истиот период за викенд.

Според анализата, операторите тешко обезбедуваат нови локации за антени и опрема. Голем дел од постојните антени се поставени на покриви во густо изградени области, а мобилните оператори поседуваат мал број од тие локации. По измените на правилата во 2017 година, годишниот приход за сопственик на лондонски покрив што изнајмува простор за антени е намален од околу 21.000 на приближно 1.000 фунти. Тоа ги намалува стимулациите за сопствениците, кои често избираат други намени, вклучително и соларни панели.

Дополнителна пречка се известувањата за напуштање локации при реконструкција на објекти. Се проценува дека поради вакви случаи околу 7 отсто од покривните локации во Лондон во секој момент се надвор од употреба.

Ниту поставувањето нови улични столбови не напредува лесно. Бројот на апликации за такви локации паднал за повеќе од четири петтини од 2022 година, а околу три четвртини од поднесените барања од 2019 година биле одбиени. Ограничувањата се поизразени во општини со заштитени подрачја, меѓу кои е и Вестминстер.

Нацрт-планот на градските власти, чиe усвојување е предвидено за 2028 година, предлага заштита на мобилната услуга за време на изградба, поставување антени на повисоки згради и подобра соработка со операторите во заштитените зони.