Hewlett Packard Enterprise планира да изведе тестови за пресметувачки перформанси на површината на Месечината, со компјутерскиот систем Spaceborne Computer-4. Модулот треба да биде поставен на роверот FLIP на компанијата Astrolab, кој ќе слета во близина на јужниот пол на Месечината.
Мисијата е предвидена за последниот квартал од 2026 година, во рамките на програмата Commercial Lunar Payload Services на NASA. Лансирањето треба да се изврши со ракета Falcon Heavy, а товарот ќе патува до Месечината со лендерот Griffin-1 на Voyager Technologies.
HPE наведува дека станува збор за први тестови од ваков тип на лунарната површина. Системот ќе ги извршува HPCG и High Performance LINPACK тестовите, кои се користат за мерење на способностите на системите за пресметки со високи перформанси. Резултатите би требало да покажат како ваквата опрема работи во услови различни од оние на Земјата или на Меѓународната вселенска станица.
Spaceborne Computer-4 е компактен модул без вентилатори, проектиран специјално за вселенски услови. Неговиот пресметувачки дел е долг околу 25 сантиметри и широк приближно 10 сантиметри, односно е со големина слична на вообичаена графичка картичка. Содржи 1 TB складиште од Kioxia, процесор со мала потрошувачка и мал графички процесор.
Наместо класично воздушно ладење, куќиштето ќе ја пренесува топлината кон плоча на роверот. HPE сè уште не објавила податоци за процесорите, потрошувачката или очекуваните перформанси на системот.
Покрај бенчмарковите, модулот ќе обработува визуелни податоци, LiDAR мапирање, навигација и анализа на теренот. NASA ќе тестира мрежа од модели обучени со податоци од Земјата, Месечината и Меѓународната вселенска станица, како и приспособен јазичен модел за обработка на документи на самиот уред. Deloitte, пак, ќе испитува систем за откривање сајбер-упади со предвидувачка анализа.
Роверот е проектиран да работи еден лунарен ден, што одговара на околу 14 земјини дена. По тој период ќе се обиде да ја преживее лунарната ноќ преку хибернација, што остава ограничено време за планираните тестови.
