Двајца жители на Чикаго покренаа одделни колективни тужби против компаниите Coco Robotics и Serve Robotics, тврдејќи дека нивните роботи за достава неовластено собирале биометриски податоци при испорака на храна и намирници.
Според наводите во тужбите, роботите пристигнале како дел од нарачки направени преку DoorDash и Uber Eats, иако корисниците не избрале роботска достава во апликациите. Клучниот дел од обвинувањата се однесува на моментот кога примателите го отвориле товарниот простор на роботите за да ја преземат нарачката.
Тужителите сметаат дека камерите и LiDAR сензорите ги снимиле нивните лица и раце, односно направиле скенирања на лицето и телото без претходна изречна согласност. Во тужбите се наведува и дека видео и сензорските записи биле задржувани, а наводно биле споделувани и со други компании за обука на модели.
Доколку овие тврдења се потврдат, компаниите би можеле да се соочат со прекршување на Законот за приватност на биометриските информации на Илиноис, познат како BIPA. Законот, донесен во 2008 година, предвидува законска отштета од 1.000 долари за небрежно прекршување, односно 5.000 долари кога прекршувањето е намерно или несовесно.
И Coco Robotics и Serve Robotics ги негираат обвинувањата. Од Coco сметаат дека тужбата погрешно ја толкува нивната технологија и оти компанијата не собирала биометриски податоци во Чикаго. Компанијата наведува дека податоците што ги споделува се навигациски и се користат за побезбедно движење по тротоарите.
Serve Robotics, пак, соопшти дека не користи податоци за идентификација на луѓе ниту за создавање биометриски профили. Во нивната политика за приватност стои дека периодот на чување податоци зависи од договорните обврски со партнерите за достава, како и дека информации може да се споделуваат со даватели на услуги и добавувачи.
Случаите повторно го отвораат прашањето каде е границата меѓу сензорите неопходни за автономно движење на роботите и заштитата на приватноста на луѓето што се наоѓаат во нивната близина.
