Американскиот Апелациски суд за Деветтиот округ ја потврди претходната пресуда во корист на Apple во спорот за авторски права поврзан со психолошкиот трилер „Servant“ на Apple TV.

Тужбата ја поднесе режисерката Франческа Грегорини, која тврдеше дека серијата ги презела елементи од нејзиниот филм од 2013 година, „The Truth About Emanuel“. Таа ги тужеше Apple и режисерот М. Најт Шјамалан, барајќи отштета до 81 милион долари.

„Servant“ беше меѓу раните оригинални продукции на стриминг-платформата на Apple. Серијата следи брачен пар од Филаделфија кој се соочува со последиците од тешка трагедија, по што во нивниот дом се појавува мистериозна сила. Во актерската екипа се Лорен Амброуз, Тоби Кебел, Нел Тајгер Фри и Руперт Гринт.

Серијата се емитуваше четири сезони и заврши во 2023 година, но судскиот спор продолжи. Во јануари минатата година, поротата едногласно пресуди дека авторите на „Servant“ немале пристап до филмот на Грегорини пред развојот на серијата.

По таа одлука, Грегорини поднесе жалба, оспорувајќи два дела од постапката. Таа сметаше дека поротата требало да добие подетални насоки за тоа што значи едно дело да биде широко распространето, односно доволно познато во филмската индустрија за авторите на серијата да можеле да наидат на него.

Дополнително, таа ја оспори одлуката на судијката да ја прифати едногласната пресуда без претходно да одговори на прашање од поротата за значењето на поимот широко распространување.

Апелацискиот суд ги отфрли двата аргумента. Според одлуката, упатствата дадени до поротата биле во согласност со применливото право, а судијката немала обврска подетално да го дефинира спорниот поим. Судот, исто така, оцени дека не било злоупотребено судиското овластување со прифаќањето на пресудата без дополнителен одговор до поротата.

Со тоа, Apple и Шјамалан повторно добија правна потврда дека „Servant“ не ги прекршува авторските права на филмот на Грегорини.