Дванаесет големи јазични модели од десет лаборатории во три земји дале слична, претежно мрачна оценка за човечкото однесување во експеримент на аналитичката компанија ModelCompare. Наместо вообичаените тестови за задачи и способности, компанијата побарала од моделите да дадат искрено, категорично и контроверзно мислење за луѓето.
Меѓу испитаните системи биле GPT-6.1 Sol, GPT-6 Astra, Gemini 4 Argon, DeepSeek V4 Pro, Kimi K3, Qwen3.8, Grok 4.7, Claude Opus 5.5, Claude Fable 5.1, GLM 5.3 и Mistral Large 4. Секој од нив го добил истото барање трипати.
Најчестата порака била дека луѓето почесто се водат од припадност кон група отколку од доследно расудување или стремеж кон вистината. Моделите во различни формулации го поврзале човечкото однесување со потребата за согласување со околината, одбрана на сопствениот табор и приспособување на моралните аргументи според тоа кому му одговараат.
Седум од 12 модели во сите три одговори понудиле суштински ист став, само со изменет јазик. Кај преостанатите пет имало поразлични одговори, вклучително и една позитвна процена. Claude Opus 5.5 во еден од одговорите посочил дека луѓето можеби се попристојни отколку што самите веруваат, наведувајќи ја склоноста изгубените паричници да се враќаат почесто отколку што се очекува. Во следните одговори, сепак, и тој се приближил до покритичниот тон на останатите модели.
ModelCompare го проширил тестот и со шест модели за генерирање слики. Десет од 12 добиени визуелни резултати биле класифицирани како приказ на луѓето како потрошувачи зависни од телефони, кои ја уништуваат планетата. Кај две слики не била забележана јасна сатирична порака.
Според развивачот Ракан Нимер, наодите не се доказ дека моделите самостојно развиле недоверба кон луѓето. Наместо тоа, тие покажуваат дека системите ги пресликуваат честите човечки критики присутни во текстовите и сликите од кои учеле.
Заклучокот на ModelCompare е дека согласувањето меѓу повеќе модели не треба автоматски да се смета за независна потврда. Ако тие се обучени врз слични извори и повторуваат исти културни претстави, нивниот заеднички одговор може да биде само повторување на истата веќе позната перспектива.
