Подфорумот r/opensource на Reddit воведе нови правила за објавување што предизвикаа остри реакции меѓу дел од заедницата. Модераторите одлучија да не дозволуваат проекти што користат, се создадени со или се наменети за системи за машинско генерирање содржини, оценувајќи дека таквите технологии не се усогласени со карактерот на заедницата за слободен софтвер.
Правилата отворија расправа во коментарите, каде што корисници посочуваат дека забраната може да има премногу широко толкување. Како пример се наведува Linux kernel, во кој веќе има код создаден со помош на вакви алатки. Според критичарите, тоа би можело да значи дека и проекти што се потпираат на Linux би се нашле под ограничување.
Еден од модераторите, Wolvereness, објаснил дека ќе има простор за проценка во поединечни случаи. Тој посочил дека софтвер кој само попатно користи вакви функции за пристапност, како автоматски титлови, не мора нужно да биде отфрлен. Сепак, ова појаснување не ги смири реакциите, бидејќи членови на заедницата сметаат дека критериумите остануваат нејасни.
Покрај тоа, r/opensource поставува и нови услови за самите проекти. За да бидат објавени, тие треба да постојат најмалку една година, да се активно одржувани и да имаат повеќе соработници. Со тоа се ограничува можноста нови проекти и самостојни програмери да ја користат заедницата за да најдат помошници или идни одржувачи.
Модераторите дополнително најавиле дека повеќе нема да обработуваат барања за наоѓање одржувачи и луѓе што би придонесувале во проектите.
Меѓу најконтроверзните делови е и ставот дека корисниците кои не зборуваат англиски треба да побараат друга заедница. Оваа мерка практично ги исклучува членовите кои не можат да комуницираат на англиски јазик.
Незадоволството веќе доведе и до создавање конкурентски подфорум, r/trueopensource, каде дел од корисниците бараат поотворен пристап кон проектите и придонесувачите.
