Instagram повторно се насочува кон подолги видеа и телевизиското гледање. Платформата тестира нов хоризонтален формат наречен Features, кој ќе поддржува содржини со должина до 90 минути. Идејата е корисниците полесно да преминуваат од кратки клипови во Reels до цели епизоди од подкасти, комичарски настапи и слични формати на поголем екран.

Во почетната фаза, можноста за објавување вакви видеа нема да биде достапна за сите профили. Instagram ќе работи со ограничен број автори кои имаат поединечни договори со Meta, а фокусот засега е ставен на комичари и подкастери.

Долгите видеа ќе можат да се гледаат и во главната апликација на Instagram, но компанијата очекува новиот формат да ја зголеми употребата на нејзините телевизиски апликации. Според шефот на Instagram, Адам Мосери, предизвикот е подолгите содржини да не го намалат интересот за кратките видеа, туку да функционираат заедно со нив. Краток извадок од подкаст или настап во Reels, на пример, би можел да ги насочи гледачите кон целосното видео на телевизор.

Instagram веќе го проширува присуството на ТВ-платформите. По ланската верзија на Reels за Fire TV, компанијата додава и апликација за Apple TV. Нејзините апликации веќе се достапни и на Samsung и Google TV уреди.

Покрај подолгите хоризонтални видеа, ТВ-апликациите добиваат поддршка за Stories и преноси во живо. Во нив ќе бидат достапни и Series, функција што им овозможува на авторите да поврзуваат повеќе кратки видеа во тематски или епизодни целини, за полесно откривање на сродни објави.

Новата насока е уште еден обид на Meta да го доближи Instagram до типот видеосодржини што најчесто се гледаат на YouTube и носат поголем комерцијален потенцијал. Компанијата планира да им помага на избраните автори во наоѓање брендови за соработка доколку веќе немаат рекламни партнери.

Instagram и претходно се обиде со долги видеа преку IGTV, одделна апликација лансирана во 2018 година и згасната во 2022. Овојпат, подолгите формати се интегрираат во постоечката Instagram понуда и ТВ-апликациите.