Xiaomi официјално го претстави својот нов преклопен смартфон Xiaomi 18 Fold на кинескиот пазар. Уредот доаѓа како модел со поширок формат, со акцент на поголем внатрешен дисплеј, голема батерија и поразновиден систем на камери.

Надворешниот екран има дијагонала од 5,38 инчи и резолуција од 1.712 x 1.168 пиксели, додека внатрешниот преклопен панел е со големина од 7,58 инчи и резолуција од 2.364 x 1.672 пиксели. Двата екрана поддржуваат адаптивна стапка на освежување меѓу 1 и 120 Hz и максимална осветленост од 4.000 нити.

Внатрешниот екран користи сооднос 2:1, што го приближува до пошироките уреди во расклопена состојба. Xiaomi вгради и антирефлективен слој, како и двослојна конструкција од ултратенко стакло. Компанијата наведува дека оваа изведба е 178 проценти поцврста и 29 проценти поотпорна на удари во споредба со Mix Fold 4 од 2024 година.

Xiaomi 18 Fold тежи 219 грама и е дебел 10,68 милиметри кога е затворен. Достапен е во црна, Warm Gold White и Nishino Red боја. Предниот и задниот дел се заштитени со Dragon Crystal Glass 3.0, а телефонот има IP58 и IP59 сертификати за отпорност.

Во внатрешноста работи домашно развиениот XRing 03 чипсет на Xiaomi, во комбинација со 12 GB или 16 GB RAM и од 256 GB до 1 TB простор за складирање. Еден од главните адути е батеријата со капацитет од 6.000 mAh. Поддржано е жично полнење со 67 W, односно 50 W PPS, како и безжично полнење со 50 W.

На задната страна е поставен Leica систем со главна камера од 200 MP со отвор f/1.7, перископска камера од 50 MP со 3,5-кратно оптичко приближување и ултраширока камера од 50 MP. Дополнително, уредот нуди страничен читач на отпечатоци, USB 3.2 Gen 2, Bluetooth 6.0, Wi‑Fi 7, UWB и инфрацрвен предавател.

Xiaomi 18 Fold во Кина почнува од 10.999 јуани, односно околу 1.639 долари. Понудена е и керамичка верзија од 15.999 јуани, ограничена на 1.500 примероци. Засега нема информации дали телефонот ќе се продава и надвор од Кина.