Xiaomi официјално го претстави 18 Fold, својот прв преклопен смартфон со поширок формат. Уредот пристигнува во пресрет на очекуваното претставување на првиот преклопен iPhone, а по конструкција се вбројува меѓу моделите со голем внатрешен екран, слично на Galaxy Z Fold8.
Надворешниот екран на Xiaomi 18 Fold има дијагонала од 5,38 инчи, додека внатрешниот преклопен панел мери 7,58 инчи. Двата дисплеја користат LTPO технологија со стапка на освежување од 120 Hz и максимална осветленост од 4.000 нити. Xiaomi наведува дека екраните се заштитени со нова двослојна структура од ултратенко стакло.
Телефонот користи редизајнирана шарка наречена Dragon Bone. Компанијата посочува дека таа минала низ 492 структурни оптимизации, со цел да овозможи позаоблен изглед на уредот. 18 Fold ќе биде достапен во четири изведби, меѓу кои и Nishino Red, како и ограничено керамичко специјално издание во само 1.500 примероци.
Новитет е и премиерата на Xring O3, првиот сопствен чип на Xiaomi во нејзин преклопен предводник. Чипот е изработен во 3-нанометарски процес, има 10-јадрен процесор со работен такт до 4,35 GHz и 16-јадрена графика. Според Xiaomi, во однос на претходникот носи 60 проценти повисоки повеќејадрени процесорски перформанси и 85 проценти подобри графички перформанси, со помала потрошувачка на енергија. Вграден е и посебен NPU со перформанси од 200 TOPS.
Задниот фотографски систем, развиен во соработка со Leica, го предводи главна камера од 200 мегапиксели. Дополнети се ултраширока камера од 50 мегапиксели и перископска телефото камера од 50 мегапиксели со 3,5-кратен оптички зум.
Xiaomi 18 Fold доаѓа со HyperOS 4, батерија од 6.000 mAh, 67W жично и 50W безжично полнење. Почетната цена во Кина е 10.999 јуани за верзијата со 12 GB RAM и 256 GB простор, додека моделот со 16 GB RAM и 1 TB простор чини 14.999 јуани. Засега нема информации за глобална достапност, а претходните Mix Fold модели останаа ексклузивни за Кина.
