Американската Агенција за заштита на животната средина (EPA) подготвува предлог со кој би ги ослабнала правилата за спречување истекување метан од нафтената и гасната инфраструктура. Промените се дел од пошироката дерегулаторна политика на администрацијата на претседателот Доналд Трамп и би значеле повлекување од мерките воведени во претходниот мандат на Џо Бајден.

Метанот е главната состојка на она што индустријата го нарекува природен гас, но при истекување од бунари, цевководи и друга опрема станува значаен загадувач. Тој придонесува за создавање смог и е силен стакленички гас: во период од 20 години има до 80 пати поголем ефект врз затоплувањето од јаглерод диоксидот.

Претходните правила беа проектирани да ги намалат емисиите на метан од секторот за 80 проценти во период од 14 години. EPA сега планира да ги намали стандардите, особено за таканаречените маргинални бунари. Станува збор за постари извори со мало производство, кои сепак се голем извор на загадување поради протекувања.

Според податоци објавени од ProPublica, овие бунари создаваат половина од емисиите на метан на индустријата, иако обезбедуваат само 6 проценти од американското производство на нафта и гас. Предлогот, исто така, би ја укинал програмата Super Emitter, преку која операторите добиваа известувања за големи испуштања метан од најмалку 100 килограми на час.

Администраторот на EPA, Ли Зелдин, претходно посочи дека повлекувањето на правилата би им заштедило 45 милијарди долари на компаниите од секторот. Од друга страна, старите прописи беа проценети на 18 милијарди долари трошоци за усогласување.

Проценките за мерките од времето на Бајден предвидуваа до 98 милијарди долари корист преку намалени климатски ризици и здравствени трошоци поврзани со загаден воздух. Запирањето на истекувањата требаше да овозможи и враќање природен гас во вредност до 13 милијарди долари.

Метанот досега е одговорен за околу 30 проценти од глобалното затоплување. За разлика од јаглерод диоксидот, кој останува во атмосферата со векови, метанот се разградува за нешто повеќе од една деценија. Поради тоа, ограничувањето на истекувањата се смета за една од побрзите мерки за забавување на порастот на глобалната температура.