LG C6 OLED е избран за телевизор на годината во изборот на TechRadar за 2026, со што LG повторно се најде на врвот на оваа листа првпат по 2022 година. Признанието доаѓа во година во која на пазарот пристигнаа нови RGB mini-LED модели и уште посветли премиум OLED телевизори, но оценката е дека C6 нуди најубедлив спој на перформанси и цена.
Новиот модел од серијата C носи посилен процесор, кој досега се користеше и во поскапиот LG G6. Тој овозможува побрза работа на интерфејсот, обработка на сликата со 13-битна прецизност и подобрено управување со осветленоста.
Во тестирање во Filmmaker Mode, LG C6 достигнал максимална HDR осветленост од 1.438 нити на 10% од екранот. За споредба, претходниот LG C5 во исти услови достигнал 1.180 нити. Целосната HDR осветленост кај C6 била измерена на 245 нити, односно за 50 нити повисока од претходникот.
Разликата била видлива особено во сцени со силни извори на светлина, како зајдисонца и големи светли површини. Повисоката осветленост треба да придонесе и за подобра прегледност во посветли простории, каде OLED екраните најчесто имаат потешка задача поради рефлексиите.
Во споредба со C5, C6 покажал и попрецизна температура на боите. Темните и светлите делови останале добро избалансирани кај двата телевизора, но кај поновиот модел сивите тонови изгледале понеутрално. Подобрени се и приказот на тоновите на кожа, заситеноста на боите и деталите во темните сцени.
LG C6 е достапен во големини од 42 до 83 инчи и има цел пакет функции за гејминг, заедно со брз и мазен приказ. Поголемите верзии од 77 и 83 инчи, означени како C6H, добиваат Tandem RGB OLED панел каков што користи и G6, без дополнителна цена во однос на соодветните модели од претходната генерација.
Телевизорот стартувал со речиси исти цени како C5, а неколку месеци по априлското претставување цената на 65-инчниот модел во одредени пазари паднала на 1.499 долари, 1.799 фунти и 3.995 австралиски долари.
