Новата iPhone апликација Chromagraph Camera, зад која стои режисерот Ријан Џонсон, брзо привлече големо внимание на социјалните мрежи и се искачи на првото место меѓу платените апликации во категоријата Photo & Video на американскиот App Store.

Џонсон, познат по филмовите „Knives Out“, „Glass Onion“ и „Star Wars: The Last Jedi“, ја развил апликацијата заедно со својот долгогодишен директор на фотографија Стив Једлин и програмерот Ерик Камерон. Целта е дел од техниките за обработка на слика користени во нивните филмски проекти да се пренесат во фотографирањето со iPhone.

Chromagraph Camera снима RAW фотографии, а потоа ги обработува со пристап што влијае врз боите, контрастот и зрнестата текстура на снимката. Апликацијата додава и халaција, односно мек сјај околу посветлите делови од фотографијата. Резултатот не се прикажува веднаш при фотографирањето, туку кога корисникот ќе ја отвори снимената фотографија во галеријата на самата апликација.

За изгледот на фотографиите се достапни посебни контроли за боја, тон и текстура. Бидејќи оригиналните RAW датотеки остануваат зачувани, направените измени може да се приспособуваат и подоцна, без трајно да се менува изворната фотографија.

Фотографиите може да се извезат како JPEG или HEIC датотеки со применетата обработка. Постои и автоматска опција што ги испраќа готовите фотографии директно во библиотеката со фотографии на корисникот.

Објавата на Џонсон за Chromagraph на X достигнала шест милиони прегледи во рок од еден ден, а корисниците почнале масовно да споделуваат примери од фотографиите направени со апликацијата. Некои од тие објави собрале илјадници допаѓања.

Chromagraph Camera чини 12,99 долари како еднократно купување, без наведена претплата, и бара iPhone со iOS 17 или понова верзија.