Google објави дека успешно добил прв одговор од својот експериментален сателит опремен со чипови за машинско учење. Мисијата е дел од Project Suncatcher, иницијатива со која компанијата истражува дали во иднина би можела да постави инфраструктура за обработка на вакви задачи и во вселената.
Сателитот бил лансиран во орбита претходно овој месец, а сега Google успеал да ги стартува неговите Tensor Processing Units, односно TPU-чиповите наменети за извршување модели за машинско учење. По активирањето, моделот Gemma 4 на самиот сателит обработил зададено барање и испратил резултат назад кон Земјата.
Како прв пример, системот создал кратка песна во форма на хаику на тема престој во вселената. Google соопшти дека на платформата биле испробани и други задачи поврзани со вселената, меѓу кои и лимерици и барања поврзани со телеметриски податоци.
Project Suncatcher засега е експеримент, но неговата долгорочна цел е многу поамбициозна: испитување на можноста за поставување центри за обработка на податоци во орбитата. Наместо класична серверска инфраструктура на Земјата, ваквиот пристап би користел сателити со специјализиран хардвер за извршување пресметковни задачи во вселената.
Следната фаза од тестирањето ќе се фокусира на тоа како TPU-чиповите работат во орбитални услови. Google планира да ја испита нивната издржливост при температурен стрес и изложеност на радијација, два клучни фактори за секоја електроника испратена во вселената.
Компанијата наведува дека потврдата оти TPU-чиповите можат сигурно да извршуваат задачи во орбита е неопходна за следниот планиран чекор. Тој вклучува две меѓусебно поврзани сателитски единици, чија мисија е предвидена за 2027 година.
Првиот успешен одговор не значи дека Google веќе располага со орбитален центар за податоци, но покажува дека основниот хардвер и софтвер можат да функционираат надвор од Земјата. Наредните тестови ќе треба да покажат дали таквиот систем може да работи стабилно и долгорочно во суровите услови во орбитата.
