Ако телефонот ненадејно предупредува дека нема доволно слободен простор, меѓу првите апликации што вреди да се проверат е Spotify. Иако музичкиот сервис главно се користи за стриминг, преземените албуми и плејлисти, како и привремените податоци што ги создава апликацијата, можат да заземат значителен дел од меморијата.
На iPhone, потрошениот простор по апликации се проверува преку Поставки, потоа Општо и Меморија на iPhone. Кај Android уредите називите на менијата зависат од производителот, но опцијата обично се наоѓа во Поставки под Меморија. Кај телефоните Samsung, патеката е Поставки, Грижа за уредот и Меморија. Ако Spotify е меѓу најголемите апликации на листата, причината најчесто се офлајн музиката или кешот.
Корисниците на Android можат да го исчистат кешот преку системските поставки, во делот за апликации и меморија. Бришењето на целосните податоци, сепак, ќе ја отстрани офлајн библиотеката и ќе одјави корисник од апликацијата, па попрактично е управувањето да се направи во самиот Spotify.
Во табот „Вашата библиотека“ има филтер за преземена содржина. Оттаму може поединечно да се избришат албуми или плејлисти што веќе не се потребни офлајн, без да се отстранат сите останати песни. За целосно ослободување простор, во профилот треба да се отвори делот „Поставки и приватност“, потоа „Заштеда на податоци и офлајн“, каде што е достапна опцијата за отстранување на сите преземања. На истото место може да се исчисти и кешот.
Ако е потребна музика без интернет, голема разлика може да направи квалитетот на преземањето. Во делот „Квалитет на медиуми“ Spotify нуди поставка за квалитет на преземените песни и можност таа да се примени и на веќе постојните преземања. Нискиот квалитет е приближно 24 kbps и зазема многу помалку простор.
Разликата е особено важна при избор на Lossless квалитет, каде што датотеките се многу поголеми од компресираните верзии. Во тест со иста музичка библиотека, преземањата во Lossless квалитет зафатиле околу 22 GB, додека со ниска поставка библиотеката била сместена во малку повеќе од 2 GB. Повремено чистење на кешот и преглед на преземените плејлисти може да ослободи простор без целосно откажување од офлајн слушањето.
