Градот Плимут во Минесота физички ги исклучил камерите за автоматско препознавање регистарски таблички на Flock Safety, откако компанијата не реагирала на одлуката за прекин на соработката и на барањата опремата да биде отстранета.

Градскиот совет едногласно изгласал прекин на договорот со Flock во септември 2026 година. Веднаш по одлуката, полицискиот оддел ги суспендирал сите кориснички сметки поврзани со системот и ја известил компанијата. По консултации со градското правно одделение, Плимут испратил и формално известување за откажување, по пошта и по електронска пошта.

Според началникот на полицијата Ерик Фаден, од Flock немало одговор од корпоративниот или правниот тим повеќе од една недела, освен ограничена комуникација со локален претставник. Поради тоа, тој наредил вработените да ги откачат каблите за напојување на камерите, за да се осигураат дека уредите не работат и не снимаат податоци за возилата.

Камерните системи на Flock се промовираат како алатка за читање регистарски таблички, но можат да препознаваат возила и преку други видливи карактеристики, како боја, модел и налепници. Компанијата има повеќе од 300.000 камери поставени низ САД, што создава широка мрежа за следење на движењето на возилата.

Потегот на Плимут доаѓа во период кога технологијата на Flock е предмет на критики и контроверзии. Имало случаи на злоупотреба на системот од полицајци, како и инцидент во кој полицијата во Плимут запрела автомобил поради административна грешка направена во Калифорнија. Критичарите во повеќе средини бараат локалните власти да ги преиспитаат ваквите системи поради приватноста на граѓаните.

И соседниот град Дејтон, кој се наоѓа на околу 16 километри северно од Плимут, ја паузирал програмата со Flock и ги деактивирал своите два уреди. Полицијата таму побарала од компанијата да не продолжи со планирана замена на камерите, но работата сепак била спроведена.

Со физичкото исклучување на уредите, Плимут практично ја прекинува работата на локалниот дел од мрежата додека се решава прашањето за нивното отстранување.