Округот Хенрико во американската сојузна држава Вирџинија отстранил повеќе од 120 камери на Flock откако компанијата, според локалните власти, не ја исполнила обврската да ја демонтира опремата по завршувањето на договорот.

Работните екипи ги симнале камерите за автоматско препознавање регистарски таблички, заедно со соларните панели што ги напојувале. На фотографија објавена од локалниот медиум 12 On Your Side се гледа куп собрана опрема. Столбовите на кои биле поставени камерите засега останале на терен, бидејќи нивното отстранување треба да го изврши Flock.

Хенрико го прекинал договорот со компанијата на почетокот на октомври поради загриженост за приватноста. Случајот доаѓа во период во кој повеќе полициски служби во САД се откажуваат од системите на Flock или ја преиспитуваат нивната употреба.

Слична ситуација има и во Плимут, Масачусетс. Градскиот совет таму во септември одлучил да престане да го користи системот на Flock. Полицискиот началник Ерик Фаден навел дека од корпоративните и правните претставници на компанијата немало одговор, освен комуникација со локален претставник. Поради тоа, полицискиот оддел наредил исклучување на напојувањето на камерите.

Одлуката во Плимут следела по случај со автомобилски новинар кој бил запрен од полицијата додека тестирал Range Rover вреден 155.000 долари. Регистарската табличка на возилото, кое било дел од медиумската флота на Jaguar Land Rover, била означена како поврзана со украден автомобил. Новинарот навел дека полицијата го следела неколку дена преку системот на Flock.

Неколку дена подоцна, во Небраска, слична регистарска табличка на друго возило од истата медиумска флота исто така била погрешно означена, по што уште еден новинар бил подложен на подолго испрашување.

Камерските системи на Flock во последните месеци предизвикаа критики и поради наводи за злоупотреба од полициски оддели, неовластен пристап до милиони фотографии и пошироки прашања за приватноста. Компанијата во меѓувреме се откажа од планирана функција за обработка на амбиентален звук, која требало да препознава врисоци, истрели и сообраќајни несреќи и да известува служби за итни случаи.