SpaceX разгледува можност за договор со Boost Mobile што би ѝ овозможил да понуди сопствена мобилна услуга преку американскиот оператор. Според информациите објавени од The Washington Post, опциите вклучуваат купување на Boost Mobile или пристап до неговата мрежа.
Разговорите наводно се дел од пошироката амбиција на SpaceX да го изгради Starlink како значаен играч на пазарот за мобилни услуги. Илон Маск минатиот месец разговарал со Чарли Ерген, претседател на EchoStar, компанијата сопственик на Boost Mobile, за можен договор.
Boost Mobile во моментов користи мрежна инфраструктура од T-Mobile и AT&T. Поради тоа, евентуално лансирање услуга на SpaceX преку Boost би можело да бара согласност и од двата оператори. SpaceX и Boost Mobile не дале непосреден коментар за наводите.
Компанијата во последниве месеци ги засилува активностите поврзани со мобилното поврзување. Планот е да се комбинира сателитската мрежа за директно поврзување со телефони со копнена мобилна инфраструктура.
SpaceX минатата година купи лиценци за безжичен спектар од EchoStar. Неодамна, компанијата набави и портфолио од лиценци за спектар во пониските фреквентни опсези, кои би можеле да овозможат сигналот на Starlink Mobile полесно да продира во објекти.
Паралелно со тоа, Bloomberg минатиот месец објави дека SpaceX води разговори за пристап до најмалку 80.000 базни станици во САД. Таквата мрежа би била важна за услугата што треба да ги спои сателитските врски и традиционалното мобилно покривање.
Засега нема потврдени детали за структурата на потенцијалниот договор со Boost Mobile, ниту за рокот во кој би можела да биде претставена услуга. Сепак, можната соработка би ѝ дала на SpaceX директен пат кон постојна корисничка база и операторска инфраструктура на американскиот мобилен пазар.
