realme ја претстави Harry Potter Edition верзијата на смартфонот realme 16 Pro, наменета за љубителите на франшизата и за колекционерите. Станува збор за втора соработка на кинескиот производител со Warner Bros., по ограниченото издание на realme 15 Pro инспирирано од Game of Thrones.

Телефонот пристигнува во бојата Magic Brown, со шара во стил на аргил и завршна обработка што потсетува на кожа. На задната страна е поставен златен грб на Хогвортс, кој според realme користи технологија за промена на бои чувствителна на светлина. Под UV-светло, грбот прикажува бои поврзани со четирите куќи од училиштето за волшебници.

Куќиштето е дебело 8,47 милиметри и има златни детали околу камерите и по рабовите. На рамката е ласерски изгравиран натписот „Welcome To Hogwarts“.

Посебно внимание е посветено и на пакувањето. Купувачите добиваат мал куфер со грб на Хогвортс, во кој се наоѓаат писмо за прием, список со книги, билет за воз, разгледници со ликови, четири обележувачи со грбови на куќите и значка. Значката отклучува дополнително изненадување во форма на тематските слушалки realme Buds T500 Pro. Во кутијата се и заштитна маска, полнач, USB-кабел, алатка за SIM-картичка и упатство.

realme го приспособила и софтверот со позадина од Хогвортс, стартна анимација инспирирана од филмскиот наслов и посебен ефект за отпечаток од прст. Околу 30 претходно инсталирани апликации добиле нови икони и фонтови во Harry Potter стил.

Основата на уредот ја сочинува MediaTek Dimensity 7300 Max 5G чипсет и ARM Mali-G615 графика. Моделот има 12 GB RAM и 254 GB простор за складирање. Екранот е 6,78-инчен AMOLED со стапка на освежување од 144 Hz, HDR10+ поддршка, резолуција од 1272 x 2772 пиксели и максимална осветленост од 6.500 нити.

Камерскиот систем вклучува главна камера од 200 MP, ултраширока камера со агол од 112 степени и предна камера од 50 MP. Поддржано е 4K снимање со 30 слики во секунда. realme наведува и до 22 часа стриминг, како и 80W USB-C полнење со Bypass Charging за намалување на загревањето. Цената на моделот на веб-страницата на realme е околу 657 долари.