Anker ја пушти во продажба Eufy Window Camera E10, безбедносна камера наменета за следење двор, влезна врата или паркинг од внатрешната страна на домот. Наместо класична надворешна монтажа, уредот се поставува директно на стаклото од прозорецот.
Камерата користи леплив држач што може повторно да се употребува, а во пакетот има и клипси за насочување на кабелот за напојување. Монтажата не бара заштита од дожд, прашина и други надворешни влијанија, бидејќи самиот уред останува во затворен простор. Лепливата подлога треба да помогне и во намалување на отсјајот и рефлексиите од стаклото.
Eufy Window Camera E10 снима во резолуција до 2.688 x 1.520 пиксели, односно 2,5K, со 15 слики во секунда. Видното поле изнесува 105 степени хоризонтално и 57 степени вертикално. За пофлексибилно поставување, особено на повисоки прозорци, објективот може рачно да се наклони нагоре или надолу до 25 степени преку тркалце на задната страна.
Меѓу функциите се и ноќно снимање во боја, детекција на движење и известувања што разликуваат луѓе, животни и возила. Вградениот микрофон е приспособен да регистрира погласни звуци, што е ограничување поврзано со снимањето низ прозорско стакло.
Снимките може да се чуваат локално на microSD-картичка со капацитет до 256 GB. Достапна е и опција за испраќање во облак со дополнителна претплата. Камерата нема вградена батерија, па покрај брзото лепење на прозорецот, корисникот ќе треба да обезбеди приклучок за струја и да го организира кабелот.
Eufy Window Camera E10 е достапна преку онлајн продавницата на Anker и Amazon по цена од 79,99 долари.
