Гласачите во повеќе американски сојузни држави испратија јасна порака против неконтролираната изградба на дата-центри. На локалните избори беа ставени 45 мерки поврзани со вакви објекти во 10 држави, а најголемиот дел од резултатите одат во прилог на ограничувања за нови проекти.
Според податоците од иницијативата Data Centers on the Ballot, 33 мерки за ограничување на развојот веќе биле усвоени, додека уште шест воделе во пребројувањето. Само во Харвуд, Северна Дакота, не поминал предлогот што ќе бараше јавни расправи пред одобрување големи индустриски проекти, меѓу кои и дата-центри со моќност од 100 мегавати. За пет локални средини во тој момент сè уште немало објавени резултати.
Мерките не се исти насекаде. Дел од градовите избрале целосна забрана, други вовеле привремени мораториуми, ограничувања на потрошувачката на електрична енергија или обврска локалната власт да добие јавна поддршка пред да одобри проект.
Охајо се издвоил како држава со особено силен отпор. Таму дата-центрите биле тема на 20 гласачки ливчиња, а ограничувањата победиле или воделе во сите случаи. Во Урбана и Хабард, жителите со големи мнозинства од 76, односно 77 проценти, поддржале забрана за дата-центри во нивните општини.
Во Велс, Мејн, гласачите поддржале 180-дневен мораториум за големи дата-центри, со важност наназад од средината на јуни 2026 година. Неколку градови во Охајо изгласале забрана за објекти над 25 мегавати, додека Ел Дорадо во Канзас одобрил десетгодишна забрана за дата-центри со врвно електрично оптоварување над 10 мегавати.
Темата влијаела и врз пошироките изборни кампањи. Излезна анкета на NBC покажала дека за 56 проценти од гласачите дата-центрите биле клучен или значаен фактор при изборот за Конгресот. Друга анкета покажала дека 76 проценти од испитаниците не сакаат вакви објекти во својата заедница.
Резултатите не значат нужно прекин на веќе започнатите проекти, но можат значително да го усложнат одобрувањето на идните градби. Во фокусот на локалниот отпор се трошоците за електрична мрежа, можните поскапувања за домаќинствата, бучавата и влијанието врз животната средина.
