Стартапот Aina го претстави својот паметен прстен, уред наменет за побрзо управување со дигитални услуги и апликации без постојано вадење на телефонот од џеб. Прстенот има мал екран, џојстик, микрофон и звучник, а може да се поврзе со Mac компјутери и iPhone уреди.

Главната идеја зад уредот е корисникот брзо да потврди, одбие или активира одредена задача директно од прстот. Екранот служи за прикажување известувања, статус на извршени команди и активната апликација, додека џојстикот овозможува навигација и избор на функции. Поддржани се и гестови, кои може да активираат различни дејства според содржината што е отворена на компјутерот или телефонот.

Aina Ring може да се користи за диктирање белешки, поставување потсетници и испраќање гласовни барања. Компанијата наведува дека прстенот може да работи со Wispr Flow, како и со сопствениот систем за диктирање. Вградениот звучник овозможува и телефонски повици: повикот може да се започне со гласовна команда, а разговорот се слуша кога корисникот ќе ја приближи раката до увото.

Уредот е замислен и како контекстуален далечински управувач. На пример, при видео-состанок на Mac, контролите на прстенот може да се приспособат за исклучување на микрофонот, камерата или за снимање. Во други ситуации може да послужи за контрола на репродукција на музика, телевизиски системи и уреди за паметен дом, вклучувајќи Apple TV.

Aina претходно развиваше контролер наречен Mirage со три копчиња, чии функции се менувале зависно од апликацијата прикажана на екранот на Mac. Искуствата од тој производ се искористени при развојот на прстенот, кој компанијата едноставно го нарекува AI Ring.

Прстенот е изработен од титаниум и веќе е достапен за преднарачка по промотивна цена од 399 долари. По завршувањето на почетната понуда, цената ќе изнесува 499 долари. Aina планира испораките да започнат во јануари 2027 година.