Tesla планира постепено да го намали производството на електричниот пикап Cybertruck во својата Gigafactory фабрика во Остин, Тексас, околу средината на 2027 година. Просторот и производните капацитети треба да бидат пренаменети за зголемено производство на претстојниот автономен Cybercab.
Информацијата ја потврди извршниот директор на Tesla, Илон Маск, преку објава на X. Сепак, не е наведено дали производството на Cybertruck целосно ќе заврши или Tesla ќе се обиде да го пресели во друга фабрика.
Фабриката во Тексас е единствената позната локација каде што се составува Cybertruck. Таа располага и со опремата потребна за специфичните делови на возилото, па евентуално преместување на производството би било сложен процес.
Cybertruck беше претставен во ноември 2019 година и веднаш привлече внимание со необичниот дизајн и каросеријата од нерѓосувачки челик. Но, патот до сериските испораки беше долг, а возилото не ја достигна првично најавената почетна цена од 39.900 долари. Најевтината верзија подоцна беше понудена по цена од 59.900 долари.
Испораките почнаа кон крајот на 2023 година, а проценките наведуваат дека Tesla досега испорачала околу 70.000 до 71.000 примероци. Тоа е значително помалку од претходната проекција за 250.000 продадени возила годишно.
Во меѓувреме, моделот се соочи со повеќе повлекувања поради неисправни или потенцијално опасни компоненти, како и со забелешки за контролата на квалитетот. Неговиот дизајн остана поделбен, а возилото не е легално за сообраќај во делови од светот.
Капацитетот што ќе се ослободи Tesla сака да го насочи кон Cybercab, возило замислено без волан и педали. Компанијата очигледно го става фокусот на овој автономен модел, иако Cybercab веќе е предмет на федерална истрага.
