Tesla ќе започне со постепено гасење на производството на електричниот пикап Cybertruck во својата фабрика во Тексас околу средината на 2027 година. Веста ја објави Илон Маск на X, со што се навестува крајот на моделот кој пристигна на пазарот кон крајот на 2023 година.
Првиот Cybertruck излезе од производната линија во средината на 2023 година, по повеќегодишни одложувања. Испораките започнаа истата година, но моделот брзо се соочи со серија технички проблеми и повлекувања од пазарот.
Од почетокот на продажбата до денес, Cybertruck бил опфатен со 11 повлекувања. Меѓу пријавените проблеми имало делови од надворешната облога што можеле да се одвојат, откажувања на внатрешни компоненти и неправилности со камерите. Последното повлекување било во април 2026 година, поради дефект на сопирачките ротори кој потенцијално можел да предизвика пукнатини и одвојување на навртките на тркалата од главините.
Tesla во претходните години имаше многу поголеми очекувања од моделот. На презентацијата на финансиските резултати за третиот квартал од 2023 година, Маск посочи дека компанијата има намера до 2025 година да достигне производство од 250.000 Cybertruck возила годишно. Тој тогаш наведе и дека Tesla примила повеќе од еден милион резервации.
Компанијата, сепак, не објави колку од резервациите биле претворени во нарачки и испораки, ниту колкав број клиенти ги откажале своите резервации. Tesla никогаш јавно не објави ниту прецизни продажни бројки за Cybertruck.
Проценките наведени во извештаите посочуваат дека во изминатите три години биле продадени околу 70.000 примероци. Во меѓувреме, се појавуваа информации дека непродадени Cybertruck возила се складираат на повеќе локации во САД, и покрај повторените намалувања на цената.
Со планираното запирање на производството, Cybertruck ќе има пазарен век од приближно четири години. Моделот останува еден од најнеобичните и најамбициозно дизајнирани обиди на Tesla, но без производствените и продажните резултати што компанијата првично ги најавуваше.
