Bluetooth Special Interest Group претстави нова функција наречена Bluetooth High Data Throughput, или HDT, која значително ја зголемува пропусноста на безжичната врска. Новата технологија може да достигне до 7,5 Mbps, во споредба со максимум 2 Mbps кај Bluetooth LE 2M.
Поголемата брзина е особено важна за пренос на аудио без загуби. Досегашните Bluetooth решенија обично не обезбедуваа доволно стабилен капацитет за некопресирано аудио со CD-квалитет, па звукот се пренесуваше со кодеци како SBC, AAC, aptX, LDAC или LC3. Иако овие формати можат да понудат квалитетен звук, тие подразбираат одреден степен на компресија.
Со HDT, Bluetooth добива простор за директен пренос на повеќе аудиоподатоци. CD-квалитетно аудио без загуби вообичаено бара меѓу 0,8 и 1,4 Mbps, додека 24-битно аудио на 48 kHz користи околу 2,3 Mbps. За 24-битен запис на 96 kHz потребни се приближно 4,6 Mbps, што исто така е под највисоката декларирана граница на HDT.
Само 24-битно аудио на 192 kHz, со потреба од околу 9,2 Mbps, ја надминува пропусноста од 7,5 Mbps. Тоа значи дека HDT потенцијално може да поддржи широк дел од форматите со висока резолуција што денес се користат во аудиофилските изданија.
Покрај повисокиот проток на податоци, Bluetooth SIG наведува дека HDT треба да донесе и постабилна комуникација и пониска потрошувачка на енергија. Тоа би можело да биде важно за безжични слушалки, преносни плеери и други уреди каде што автономијата останува клучен фактор.
Сепак, поддршката нема да биде автоматска кај сите идни уреди со Bluetooth Core Specification 7.0. HDT е дополнителна функција, а нејзините највисоки нивоа, меѓу кои HDT6 и HDT7.5, се опционални. Затоа производителите ќе треба јасно да наведат каква HDT поддршка нудат нивните производи.
И повисоката пропусност сама по себе не гарантира врвен звук. Квалитетот ќе зависи и од обработката, поставувањето на уредот и целокупната аудио-изведба. Но HDT создава техничка основа за безжични слушалки што би можеле многу поблиску да се доближат до искуството со жичен пренос.
