Tesla планира постепено да го намалува производството на електричниот пикап Cybertruck во фабриката Gigafactory Texas околу средината на следната година. Информацијата ја објави Илон Маск на X, наведувајќи дека производниот капацитет треба да се пренасочи кон зголемено производство на Cybercab.

Од Tesla сè уште нема дополнително појаснување дали ова значи целосен крај на моделот или само прекин во одреден период. Cybertruck се произведува единствено во фабриката во Тексас, бидејќи таа е опремена со специјализирана опрема за обработка на неговата препознатлива каросерија од нерѓосувачки челик.

Пикапот беше претставен во 2019 година, а првите испораки до купувачите почнаа кон крајот на 2023 година. Иако Маск претходно зборуваше за повеќе од еден милион резервации и исклучително силна побарувачка, продажбата не ги оправда очекувањата. До март минатата година биле продадени помалку од 50.000 примероци.

Податоци на Kelley Blue Book, пренесени од EVWire, покажуваат дека Tesla продала 11.586 Cybertruck возила во САД во првите три квартали од годинава. Тоа претставува пад од 28 проценти во споредба со истиот период претходната година. Објавата за намалување на производството дошла кратко откако Tesla ги зголемила цените на Cybertruck во САД и ги стопирала новите нарачки за почетната Dual-Motor AWD изведба.

Cybertruck се соочи и со низа технички проблеми и повлекувања. Во април 2024 година Tesla повлече возила поради опасност подлогата на педалата за забрзување да се одвои и да се заглави. Подоцна беше спроведено уште едно големо повлекување поради можност дел од надворешната челична облога да се одвои при возење.

Проблеми биле забележани и кај сопирачките на Long Range верзијата со погон на задните тркала, каде што постоела можност за пукање на отворите за навртките на сопирачките дискови. Во мај годинава ова беше единаесеттото повлекување поврзано со Cybertruck.

Tesla сега го насочува вниманието кон Cybercab, модел што е клучен за плановите на компанијата за автономен превоз. Според Маск, првиот Cybercab излегол од производната линија во февруари, а Tesla сака значително да го зголеми неговото производство.