Nvidia ги заострува условите за cloud-партнерите што изнајмуваат нејзини графички процесори, со мерка што може дополнително да го ограничи пристапот на кинеските технолошки компании до напредни пресметковни капацитети во странство.

Според Financial Times, компанијата усно ги известила партнерите на глобално ниво дека најмалку 51% од нивните услуги треба да бидат наменети за клиенти кои не се од Кина. Ограничувањето би важело за новите договори, додека постојните закупи не би биле изменети. Nvidia јавно не ја потврдила ниту ја негирала оваа политика.

Кинеските компании во голема мера се потпираат на центри за податоци во Југоисточна Азија и Европа, каде изнајмуваат системи со графички процесори што не можат директно да ги купат во Кина. Таквите договори се користат и за развој и за испорака на модели до крајните корисници.

Moonshot, на пример, разговарал за закуп на системи Blackwell во Европа, во конфигурации со најмалку 8.000 графички процесори. Tencent, пак, има договор со Oracle за закуп на 100.000 процесори во центри за податоци во Југоисточна Азија. ByteDance и Alibaba исто така бараат долгорочни договори за капацитети надвор од Кина.

Новите ограничувања доаѓаат во период кога побарувачката далеку ја надминува понудата. Кинеските купувачи наводно нарачале повеќе од шест милиони RTX Pro 5500 картички, иако се проценува дека Nvidia би можела да произведе околу три милиони до 2027 година. Картичката има 84 GB GDDR7 меморија, но е значително послаба од B300 системите, кои се забранети за продажба во Кина.

Недостигот ги зголемува и цените на неформалниот пазар. Rack-систем B300, кој на меѓународниот пазар чини околу 600.000 долари, наводно бил продаден во Кина за 2,8 милиони долари. Цената на сервер со осум H200 картички достигнала над 900.000 долари кон крајот на минатиот месец.

Покрај условот за распределба на клиентите, Nvidia бара и следење преку Fleet Intelligence за давателите во Југоисточна Азија што сакаат да станат Nvidia Cloud Partners. Мерките би можеле да одговорат на растечкиот притисок од американските законодавци околу пристапот до напредни графички ресурси преку странски cloud-услуги.