Европската комисија претстави предлог за нов пакет правила за заштита на потрошувачите, наречен Digital Fairness Act, насочен кон практики во дигиталните услуги што можат да ги наведат корисниците на несакано трошење или да им го отежнат изборот.
Меѓу главните цели се т.н. манипулативни дизајни, односно интерфејси и процеси што го туркаат корисникот кон одредена одлука. Предлогот ги опфаќа и претплатите што тешко се откажуваат, како и нејасното прикажување на цените. Компаниите би требало појасно и потранспарентно да ги прикажуваат онлајн цените, вклучително и за културни и спортски настани.
Посебен акцент е ставен на малолетниците. Европската комисија сака да ги ограничи практиките што ги охрабруваат младите да трошат повеќе во дигитални производи и игри. Тука спаѓаат pay-to-win механиките, loot boxes и постојаните потсетници за купување. Предлогот предвидува и ограничувања за персонализирани реклами и цени што се насочени кон малолетни корисници.
Digital Fairness Act би им дал на корисниците можност да исклучат дизајнерски функции што поттикнуваат прекумерно или компулсивно трошење. Таквите функции се поврзуваат со услуги кои преку нотификации, повторливи понуди или други механизми ги задржуваат корисниците во циклус на постојано купување.
Правилата би се однесувале и на инфлуенсерскиот маркетинг. Креаторите на содржина би требало јасно да означуваат кога објавата содржи комерцијална содржина, со цел корисниците полесно да разликуваат реклама од независна препорака.
Во предлогот се предвидува и поцентрализирано спроведување на правилата во ЕУ. Европската комисија би добила директни овластувања да истражува поголеми случаи со значително влијание врз потрошувачите, како и да ја подобри координацијата со земјите членки и постапувањето против компании надвор од Унијата.
За прекршување на правилата, компаниите би можеле да добијат казна до шест проценти од нивниот годишен глобален приход.
