Roku ќе престане да продава паметни домашни уреди, вклучувајќи видеоѕвонци, камери, паметни светилки, приклучоци и системот за домашен надзор. Компанијата ќе го пренасочи вниманието кон својата основна дејност – стриминг-платформата и поврзаниот хардвер.
Од Roku потврдиле дека продажбата на Smart Home хардверот постепено ќе се укинува, но корисниците на постојните производи ќе продолжат да добиваат поддршка и услуги. Одлуката доаѓа кратко по завршувањето на преземањето на Roku од Fox, вредно 22 милијарди долари.
Во официјалната онлајн продавница на брендот во моментот остануваат достапни само Roku Indoor Camera 360° и Video Doorbell & Chime. Голем дел од останатите производи веќе се означени како недостапни, меѓу кои се безжичното видеоѕвонче, други модели камери, паметни светилки и светлосни ленти, паметни приклучоци и системот за мониторинг на домот.
Намалена е и достапноста кај други продавачи. На Amazon, на пример, за дел од овие уреди се нудат само обновени примероци. Roku, според достапните информации, веќе неколку месеци постепено се дистанцира од овој сегмент, а во извештаите за деловните резултати во текот на годинава престанала да ги истакнува паметните домашни производи.
Компанијата почна посериозно да влегува во smart-home категоријата во 2022 година, кога понуди производи базирани на постојни модели на Wyze. Минатата година Roku почна да претставува и сопствено развиен хардвер за паметен дом.
Промената на стратегијата се совпаѓа со поскапувањето на мемориските компоненти и растечките загуби во хардверскиот бизнис. Во третиот квартал приходите од уреди пораснале за 33 проценти на годишно ниво, но загубите од хардвер повеќе од двојно се зголемиле – од 22,9 милиони на 48,6 милиони долари.
Roku посочила дека приходите во оваа категорија се однесуваат на нејзините плеери и телевизори, а не на телевизорите со Roku платформа произведени од други компании. Нејзините телевизори ги надминале очекувањата во последниот квартал, а компанијата неодамна ги претстави и првите OLED модели.
