Рускиот cloud оператор Yandex потврди дека изгубил дел од корисничките податоци по напади со беспилотни летала врз негови центри за податоци. Компанијата соопшти дека успеала да обнови повеќе од 97 проценти од податоците, но дека 2,84 проценти не биле вратени.

Првиот напад се случил на почетокот на октомври и предизвикал пожар, по кој следел прекин на работата во зоната на достапност ru-central1-b. Украински медиуми објавија дека нападот бил нареден од Киев. Подоцна биле погодени и други локации на Yandex, што довело до дополнителни нарушувања на cloud и платежните услуги на компанијата.

Yandex ја поврза загубата на податоци со критично оштетување на хардверот и со недостиг од резервни копии на платформата. Компанијата не објасни дали тоа значи дека нејзината инфраструктура немала сопствени резервни копии, дали постојните механизми за заштита не создале доволно дупликати на податоците или, пак, дали клиентите не користеле резервни копии за своите системи.

Како одговор, Yandex ќе активира автоматски резервни копии како стандардна поставка за сите нови виртуелни машини во својот cloud. Корисниците ќе можат да ја исклучат оваа опција, но во спротивно резервните копии ќе користат дополнителни ресурси што се наплаќаат.

Компанијата во меѓувреме пушти во работа нова зона на достапност, означена како ru-central1-f. Yandex наведува само дека таа е поставена на нова локација, без да објави каде се наоѓа. Новата зона засега има ограничувања за достапните ресурси, а сè уште не поддржува сообраќај до приватни крајни точки.

Во објавата за закрепнувањето, Yandex упатува и на хибриден cloud пристап за заштита на податоците. Како пример го наведува Stackland, своето решение што овозможува дел од инфраструктурниот стек да се користи во сопствени простории.