Само неколку дена по отворањето, јавната библиотека „Перијар Арувулагам“ во индиската држава Тамил Наду се најде под антикорупциска истрага поради набавка на илјадници спорни книги.

Библиотеката, изградена со буџет од 3 милијарди рупии, или околу 34 милиони долари, почнала со работа на 16 октомври. Сомнежите ги покренал тамилскиот романсиер Перумал Муруган, кој по посетата на објектот забележал голем број наслови од малку познат издавач.

Според неговите наоди, во тамилската збирка имало книги од непознати автори, со неточни или сомнителни информации и со цени што изгледале невообичаено високи. Се проценува дека дури 1.800 наслови би можеле целосно или делумно да бидат создадени со автоматизирани генеративни системи.

Дополнителни прашања отвориле фактот дека сите спорни изданија биле купени од еден издавач. Во дел од книгите биле забележани грешки, неточни податоци, сомнителни имиња на автори и проблематични ISBN-ознаки, меѓународните идентификатори за книги.

Министерот за училишно образование на Тамил Наду, А. Раџмохан, посочил дека случајот би можел да претставува прва измама од ваков вид во Индија доколку обвинувањата се потврдат. Државната влада одговорноста за набавката ја насочила кон претходната администрација, додека од партијата Дравида Мунетра Кажагам ги отфрлиле таквите тврдења.

Засега нема конечна потврда дека спорните книги навистина биле создадени или изменети со вакви алатки. Сепак, случајот поттикна поширока проверка на библиотечните фондови.

Две други библиотеки во Индија исто така биле предмет на внимание откако во нивни книги биле откриени неточности. Поради тоа, властите наредиле внатрешна ревизија на збирките во јавните библиотеки.

Повеќе од 160 писатели, истражувачи, уметници и издавачи потпишале јавен повик за независна истрага на набавките за „Перијар Арувулагам“. Тие бараат јавно објавување на документацијата за купените книги, како и поширока ревизија на библиотечните колекции низ Тамил Наду.