Рускиот регулатор за комуникации Роскомнадзор вовел нов систем за филтрирање интернет сообраќај насочен кон откривање и ограничување на VPN услуги, покажуваат документи за државната дигитална трансформација што ги разгледал Forbes Russia, а за нив пренесува The Moscow Times.
За проектот биле издвоени 2,27 милијарди рубли. Системот е поврзан со ASBI, централизираната инфраструктура преку која се контролира опремата за длабинска инспекција на пакети кај руските интернет-провајдери.
Наместо да ја дешифрира содржината на комуникацијата, новиот софтвер анализира метаподатоци и однесување на мрежниот сообраќај. Тој може да препознава карактеристики како големина на пакетите, временски интервали при преносот, должина на сесиите и обрасци поврзани со серверите што го хостираат сообраќајот.
Според Дмитриј Кутејников од организацијата за дигитални права RKS Global, системот во моментот е класифициран како алатка за поддршка при носење одлуки и има 101 корисник. Практично, тој треба да им помогне на вработените во Роскомнадзор побрзо да одлучуваат кои врски или ресурси да бидат блокирани.
Овој пристап може да влијае врз широк спектар VPN протоколи, вклучително и оние што користат техники за прикривање. Иако таквите решенија можат да го сокријат техничкиот потпис на одреден протокол, тунелираниот сообраќај и натаму остава препознатливи обрасци што може да се анализираат.
Последиците не би биле ограничени само на корисниците што пристапуваат до блокирани странски сајтови и независни медиуми. Внатрешните корпоративни VPN мрежи формално се изземени од ограничувањата, но нивниот сообраќај може да личи на врски наменети за заобиколување на цензурата. Телекомуникациски извори за Kommersant посочиле дека алгоритмите за анализа на сообраќајот погрешно класифицираат меѓу 5 и 6 проценти од случаите.
Дополнителен проблем настанува кога се блокираат цели хостинг-подмрежи за да се прекинат VPN сервери. Тогаш може да станат недостапни и неповрзани веб-страници, како и деловни cloud-услуги.
Русија веќе забранила повеќе од 400 комерцијални VPN брендови и го ограничила рекламирањето на алатки за заобиколување блокади. За 2026 година се планирани уште 10,2 милијарди рубли за надградба на опремата за длабинска инспекција на интернет-сообраќајот.
