Meta во 2023 година разгледувала стратегија за поттикнување јавни и академски критики кон психологот Џонатан Хајт, според документи објавени во рамки на судски постапки во Калифорнија. Откритието предизвика негативни реакции и кај истражувачи што со години јавно ги оспоруваат неговите заклучоци за влијанието на социјалните мрежи врз младите.
Во белешките од внатрешни состаноци се споменува таканаречена „whisper“ стратегија, чија цел била да ги сврти академиците против Хајт. Биле разгледувани и активности надвор од директното јавно комуницирање, вклучително и идеја за критички текст од професор кој претходно ги анализирал и критикувал методите на Хајт. Не е познато дали Meta некогаш ја спровела оваа стратегија, а компанијата не дала коментар за случајот.
Хајт е автор на книгата „Anxious Generation“ и е меѓу најгласните застапници на ставот дека паметните телефони и социјалните платформи имаат значајна улога во влошувањето на менталното здравје кај тинејџерите. Неговите аргументи добиваат поддршка од дел од академската заедница, но други истражувачи сметаат дека достапните докази не потврдуваат јасна причинско-последична врска на ниво на целата популација.
Кендис Оџерс, професорка по психологија која често ја критикувала книгата на Хајт, порача дека нејзините ставови се засновани на долгогодишно истражување и дека Meta никогаш не ѝ пристапила за да влијае врз нејзините јавни настапи. Слична позиција изнесе и комуникациската професорка дана бојд, која оцени дека компанијата има сериозни етички проблеми, но останува зад истражувањата што нудат поширок контекст за животот на младите.
И Ендру Гелман, професор по статистика и политички науки на Универзитетот Колумбија, кој претходно ги критикувал методите на Хајт, се спротивстави на идејата за задкулисно влијание врз академската дебата. Тој потврди дека во минатото добил донација од Meta за истражување, но таа не била поврзана со влијанието на социјалните мрежи врз здравјето на тинејџерите.
Документите се дел од консолидирани тужби против Meta и други социјални компании, во кои се тврди дека јавноста била доведувана во заблуда за безбедносните ризици за младите корисници. Хајт нагласи дека не тврдел оти неговите критичари биле платени од Meta, но смета дека самата дискусија за ваква стратегија го загрозува интегритетот на научната расправа.
