САД, Обединетото Кралство и уште седум држави потпишаа декларација со која ја прошируваат соработката за заштита на технолошките синџири на снабдување. Документот, познат како Декларацијата од Сан Франциско, е следната фаза од иницијативата Pax Silica, претставена во декември минатата година.

Покрај САД и Велика Британија, договорот го поддржаа Австралија, Индија, Израел, Јапонија, Јужна Кореја, Катар, Сингапур и Обединетите Арапски Емирати. Земјите се обврзуваат заеднички да ги штитат технологиите и инфраструктурата што се сметаат за важни за економската и националната безбедност.

Опфатот не е ограничен само на готови чипови. Декларацијата ги наведува софтверот, материјалите, техничкото знаење, компонентите и другите влезни ресурси потребни за технолошките синџири на снабдување. Во фокус се и производството на полупроводници, напредните производствени процеси, преработката на минерали и енергетските системи.

Партнерите ќе работат и на заштита на физичката инфраструктура што овозможува движење и производство на технологија. Тоа ги вклучува пристаништата, терминалите, транспортните и логистичките мрежи, комуникациските системи, како и информатичката и енергетската инфраструктура од која зависат.

Во документот се посочува дека посебно внимание ќе има за технологии и ресурси чие незаконско преземање, пренос или набавка од непријателски актери би можело да им обезбеди воена, разузнавачка или економска предност. Неовластената употреба на таквите средства, според декларацијата, може да создаде значителни ризици за државите потписнички.

Координацијата доаѓа во период кога во САД расте притисокот за построги ограничувања за извоз на напредни процесори кон Кина. Кина не е меѓу учесниците во Pax Silica, што дополнително ја засилува перцепцијата дека иницијативата е дел од пошироките американски напори да се ограничи пристапот на Пекинг до критична компјутерска технологија.

Американски и азиски истражни органи во меѓувреме проверуваат сомнежи за пренасочување на хардвер од Nvidia и можен далечински пристап до него од кинески компании. Извештаи наведуваат и дека дел од кинеските лаборатории продолжуваат да користат ограничени процесори Nvidia, вклучително и модели од серијата Blackwell.