Uber Eats официјално почна со достава на храна со дронови во Спринг, предградие на Хјустон во Тексас, преку партнерството со компанијата Zipline. Услугата е првото комерцијално лансирање по договорот што двете компании го објавија претходно годинава.
Корисниците на Uber Eats во опфатената зона ќе добијат нова икона за достава со дрон во почетниот екран на апликацијата. Преку неа ќе можат да ги разгледаат рестораните што ја поддржуваат услугата. При нарачката, ќе треба да потврдат дека има соодветно слободно место во дворот или пред домот за спуштање на пратката, а летот ќе може да се следи во реално време.
Во почетната понуда се вклучени национални синџири како Jersey Mike’s и Zaxby’s, но и локални ресторани од подрачјето на Хјустон, меѓу кои Urban Bird и Abu Omar Halal. Доставата ќе работи секој ден од 8 до 22 часот.
Zipline користи автономни дронови со долг дострел, кои не слетуваат кај адресата. Наместо тоа, леталото се задржува високо над локацијата и ја спушта нарачката во заштитна капсула со помош на сајла. Дроновите летаат на висина од над 300 стапки, односно околу 90 метри, и можат да достигнат брзина до 70 милји на час.
Системот е наменет за нарачки тешки до осум фунти, приближно 3,6 килограми, во радиус до 10 милји од ресторанот. Дроновите ги пресметуваат патеките според условите како ветер, висина и брзина, а Zipline наведува дека се изработени да работат и при дожд и понеповолно време.
Следниот град во планот е Далас, по што Uber и Zipline имаат намера да ја прошират услугата во десетици други американски градови. Нивната цел е до крајот на 2029 година да достигнат еден милион испораки дневно со дронови.
Партнерството не е само комерцијално: Uber вложи и во Zipline, иако износот не е објавен. Zipline неодамна собра 1,5 милијарди долари во инвестициска рунда во која учествувал и Uber.
