Незаштитена онлајн база на податоци поврзана со апликацијата за пораки Kik содржела повеќе од 150 милиони фотографии од профили, кои биле достапни преку интернет без лозинка, открил безбедносниот истражувач Џеремаја Фаулер.
Базата не била шифрирана и можела да се отвори во обичен веб-прелистувач преку директна адреса. Според наодите, датотеките биле сместени во cloud-база, а ресурсите биле достапни и преку поддомен поврзан со Kik. Името на базата и ознаките на фотографиите укажувале дека станува збор за содржини од платформата.
Во базата имало фотографии поставувани меѓу 2021 и 2026 година. Дел од нив биле означени како минијатури, а дел како оригинални верзии. Тоа значи дека најмалку околу 75 милиони од датотеките биле фотографии во поголем формат, но ова не значи и ист број засегнати корисници, бидејќи може да постоеле дупликати или лажни профили.
По известувањето од истражувачот, пристапот до базата бил затворен. Сепак, остануваат неколку клучни неодговорени прашања: колку долго податоците биле јавно изложени, дали до нив пристапиле други лица и кој ја управувал базата — самата апликација, нејзиниот сопственик MediaLab или надворешен партнер.
Проверката на ограничен примерок од околу 2.000 фотографии открила 66 профилни слики што изгледале како да содржат материјал со сексуална злоупотреба на деца. Истражувачот ги пријавил сомнителните содржини до американскиот Национален центар за исчезнати и експлоатирани деца, како и до канцеларијата на јавниот обвинител во Конектикат.
Во примерокот биле забележани и бројни фотографии со голотија или содржини за возрасни. Истражувачот нагласува дека од една фотографија не може со сигурност да се утврди возраста на лицето, но посочува дека во јавно достапната база имало многу профили на лица кои изгледале помлади од 18 години.
Kik работи од 2010 година и во минатото пријавувал над 300 милиони регистрирани сметки. Во 2025 година, условите за користење на сервисот биле изменети така што апликацијата е наменета само за корисници над 18 години.
