Вселенската сонда Voyager 1 ја достигна границата од еден светлосен ден од Земјата, станувајќи првиот објект создаден од човек што се оддалечил толку многу од планетата. До сондата, а и назад до Земјата, радио-сигналот сега патува по 24 часа во една насока.
Мисијата на NASA го поминала овој праг на 18 ноември, околу 5:16 часот по источноамериканско време. Voyager 1 се наоѓа на повеќе од 16 милијарди милји, односно приближно 26 милијарди километри од Земјата. Таа се движи со брзина од речиси 38.000 милји на час.
Voyager 1 беше лансиран во 1977 година, во мисија која првично требаше да ги истражи надворешните планети во Сончевиот Систем. По прелетувањата покрај Јупитер и Сатурн, сондата го продолжи патувањето кон меѓуѕвездениот простор. Таа влезе во тој регион во 2012 година и оттогаш испраќа мерења за плазма-бранови, магнетни полиња и честички во средината меѓу ѕвездените системи.
Одалеченоста носи и значително посложена комуникација со леталото. Потврдата за секоја испратена команда не може да пристигне пред да поминат два дена: еден ден за сигналот да стигне до Voyager 1 и уште еден ден за одговорот да се врати. Поради тоа, подготовката и проверката на новите команди траат многу подолго.
И покрај речиси петте децении во вселената, Voyager 1 сè уште работи. Тимот на мисијата со години приспособува системи за да ја зачува енергијата од генераторот со плутониум-238, чиј капацитет постепено се намалува. Во септември биле исклучени дел од уредите и биле активирани алтернативи со помала потрошувачка, со што се заштедиле 10 вати енергија.
Сондата носи и примерок од Златната плоча на Voyager, бакарен диск со звуци, музика и материјали што ја претставуваат Земјата. Двете летала Voyager ги носат единствените примероци што заминале во вселената, додека неколку оригинални дупликати се чуваат во институции во САД и во Обединетите нации.
Voyager 1 продолжува кон ѕвездата Gliese 445 во соѕвездието Мала Мечка. Таа е оддалечена околу 17 светлосни години од Земјата, а сондата треба да мине на околу 1,7 светлосни години од неа по приближно 40.000 години.
