Полицијата на Сити оф Лондон уапси 15 лица под сомнение дека организирале измама насочена кон луѓе кои претходно веќе изгубиле пари во инвестициски измами. Според истрагата, групата им нудела помош за наводно враќање на загубените средства, но од жртвите барала дополнителна уплата пред да почне постапката.
Акцијата била спроведена на 11 ноември, кога биле претресени 17 адреси во Лондон. Приведени се 14 мажи и една жена, кои во меѓувреме се пуштени со кауција. Истрагата ги опфаќа и локации во Кент и Хертфордшир.
Осомничените наводно се претставувале како регулатори и контактирале лица кои претходно биле измамени преку понуди за вложување во уметност, јаглеродни кредити, земјиште, виски, вино и пензиски производи. Во дел од случаите, првичните измами се случиле пред повеќе од една деценија.
Пораките биле испраќани преку писма и електронска пошта, а во нив се ветувала компензација за старите финансиски загуби. Примателите биле упатувани кон компанија која барала такса како гаранција дека ќе ги поврати средствата. Наместо тоа, оние што платиле претрпеле дополнителна штета.
Полицијата поврзала околу 3.000 приматели на вакви понуди од октомври 2025 година наваму, врз основа на пријави поднесени преку британскиот сервис Report Fraud. Најголем дел од погодените биле постари лица.
Досега идентификуваната финансиска штета изнесува 1,5 милиони фунти, а истражителите очекуваат сумата да расте. При претресите биле запленети готовина, дрога и предмети со висока вредност, меѓу кои и часовник проценет на околу 230.000 фунти. Вкупната вредност на запленетото надминува 2 милиони фунти.
Од полицијата предупредуваат дека познавањето на детали од претходна измама не е доказ дека лицето кое контактира е доверливо. Таквите информации може да се искористат за нова измама, особено кога жртвата се надева дека ќе ги врати веќе изгубените пари.
