Во објектот на SpaceXAI во Саутхејвен, Мисисипи, дошло до истекување меѓу 5.000 и 6.000 галони пропилен гликол, течност што се користи за пренос на топлина и во производи како антифриз.

Случајот го следи Одделот за квалитет на животната средина на Мисисипи, кој соопштил дека во моментов нема непосредна закана за здравјето или безбедноста на локалните жители. Истечената течност завршила во одводен канал, но според досегашните информации не стигнала до блискиот поток Хорн Лејк Крик.

Екипи продолжуваат со расчистување на локацијата и надзор за евентуални дополнителни проблеми. Надлежните ќе земат и примероци од вода за лабораториски анализи, со цел да се утврди состојбата по инцидентот.

Истекувањето доаѓа во период кога компанијата веќе се соочува со критики и правни предизвици поврзани со влијанието на нејзината инфраструктура во поширокиот регион на Мемфис. Претходно овој месец, компанијата претрпела неуспех во судски спор за загадување поврзано со електроцентрала на природен гас што го снабдува нејзиниот објект.

Тужбата од април 2026 година се однесува на 27 гасни турбини, за кои се тврди дека биле поставени без потребните дозволи. Во неа се наведува дека постројката би можела годишно да испушта повеќе од 5.000 тони азотни оксиди и 47 тони формалдехид. Компанијата се обидела турбините да ги класифицира како мобилни единици, но судот не го прифатил тој аргумент.

Во меѓувреме, SpaceXAI понудила попуст од 50 проценти за Starlink на жителите во близина на нејзините два центри во Мемфис, како и ослободување од трошокот за опремата од 349 долари. Од крајот на јуни до почетокот на септември, услугата ја активирале околу 2.000 жители од поширокото подрачје на Мемфис и Саутхејвен.

Градот Мемфис, пак, најавил вложување од речиси 3,3 милиони долари од фонд поврзан со приходите од објектот Colossus 1, наменети за домување и подобрувања во населбите.