Google најави големи промени во софтверот за паметен дом, со кои постепено ќе ги повлече Nest апликацијата и Google Assistant од своите паметни домашни уреди. Корисниците ќе треба да преминат на Google Home, додека гласовниот асистент на паметните звучници и дисплеи ќе биде заменет во 2027 година.
Првиот чекор ќе се случи на 25 јануари 2027 година, кога Nest апликацијата ќе престане да работи. По тој датум, Nest производите, меѓу кои термостати, камери и Nest Protect аларми, ќе се управуваат преку Google Home апликацијата.
Google наведува дека корисниците што ќе ја постават Google Home апликацијата ќе добијат автоматско префрлање на Nest уредите. Во процесот треба да бидат пренесени и камерите, како и историјата на нивните видеоснимки. Претплатите Nest Aware од првата генерација автоматски ќе преминат во Google Home Premium.
Компанијата планира да започне со бришење на податоците од Nest сметките на 25 март 2027 година. Тоа значи дека сопствениците на постари Nest поставки ќе треба навреме да го подготват преминот кон Google Home доколку сакаат да продолжат да ги користат своите поврзани уреди и услуги.
Поголемата промена за паметните звучници и екрани е закажана за 2 август 2027 година. Тогаш Gemini for Home ќе го замени Google Assistant на smart-home уредите. Google го претстави Gemini for Home минатата година и сега го поставува како нова основа за гласовното управување во домот.
Според компанијата, новиот асистент треба да овозможи поставување посложени прашања и поприроден разговор, без корисниците да мора да се придржуваат до одредени команди или строго формулирани барања.
Промената следува откако Google претходно оваа година го повлече Google Assistant и од телефоните. Компанијата најавува дека ќе објави дополнителни информации пред преминот на паметните звучници и дисплеи во август 2027 година.
