Waymo поднесе две доброволни повлекувања поврзани со системот за автономно управување во својата флота роботакси возила, по инциденти во кои возила навлегле во затворени автопатски ленти и не реагирале соодветно на рачни насоки од службите за итни случаи.

Потегот следува откако Калифорнискиот оддел за моторни возила, DMV, му забрани на Waymo користење роботакси возила на автопатите во сојузната држава. Регулаторот ги оцени случаите како непосреден ризик за јавната безбедност, поради навлегување на возилата во градилишта што биле затворени за сообраќај.

Според DMV, три роботакси возила на Waymo во одделни наврати влегле во ограничени градежни зони во градот Бурлингeјм. Во друг случај, возило на компанијата се обидело да помине покрај патролно возило на Калифорниската сообраќајна полиција, кое спроведувало контролирано забавување на сообраќајот.

Двете повлекувања треба да го подобрат однесувањето на системот при затворени автопатски ленти и на крстосници каде што сообраќајот го регулираат лица на терен. Waymo ќе продолжи да работи на градските улици, но возењата по автопат остануваат паузирани додека не се воведат потребните софтверски подобрувања.

Компанијата сè уште работи на решение за проблемот со затворените ленти. Според достапните информации, од овој конкретен проблем немало судири ниту повредени лица.

За второто прашање, кое се однесува на реакцијата на рачни команди од припадници на службите за итни случаи, Waymo веќе објавил ажурирање претходно во месецот. Тоа следувало по судир во кој бил вклучен службеник што го насочувал сообраќајот.

Ова не е првпат Waymo да интервенира во софтверот поради автопатски градилишта. Компанијата претходно повлече дел од системот откако нејзини возила влегувале во градежни зони на автопат со брзина. Подоцна повторно ја активираше услугата на автопатите, откако утврдила простор за подобрување во однесувањето околу такви зони.

Во минатото Waymo поднесе и повлекување по случај во кој роботакси возило влегло на поплавен пат во Сан Антонио, Тексас.