Google Maps со години не обезбедува доволно информации за палестинските возачи на Западниот Брег, каде што секојдневното движење е ограничено со контролни пунктови, бариери и други пречки. На картата често се прикажуваат проходни патишта, без предупредување дека на теренот може да има воена контрола или затворен премин.
Според извештајот на WIRED, на Западниот Брег има повеќе од 900 пречки за движење, меѓу кои контролни пунктови. За локалните жители, информациите за состојбата на патиштата не се важни само поради времето на патување, туку и поради личната безбедност.
Поранешниот менаџер за производи во Google Maps, Рубен Лозано, почнал да работи на подобрување на картите за регионот во 2019 година. Неговата намера била да не ги насочува корисниците според националност, туку да им даде повеќе информации за маршрутата: низ кои административни области минува, каде има трајни контролни пунктови и какви ограничувања може да ги очекуваат.
За таа цел бил изработен прототип што ги означувал израелските и палестинските контролирани подрачја и вклучувал податоци за пунктови. Google веќе вовел икона за контролни точки и систем за рутирање низ такви места за време на пандемијата, што можело да се примени и на Западниот Брег.
Сепак, проектот наишол на повеќе пречки. Лозано не добил поддршка за вообичаено корисничко истражување со палестински возачи, бидејќи надворешните истражувачки партнери на Google не можеле или не сакале да обезбедат учесници од регионот. Дополнително, планираното тестирање на терен во април 2020 година било откажано поради ковид-пандемијата.
По неговото заминување од Google во март 2025 година, картите добиле дел од планираните подобрувања. Google Maps почнал да ги истакнува административните зони и да предупредува дека некоја рута може да поминува низ граници или низ Област C, која е под целосна израелска контрола.
Но, трајните контролни пунктови и натаму не се прикажани. Google за WIRED навел дека се соочува со тешкотии при прибирање сеопфатни и сигурни податоци за сложениот регион. Во меѓувреме, палестинските возачи се потпираат и на неформални извори, како Telegram-канали за состојбата на патиштата.
