Uber, Nuro и Lucid ја започнаа следната фаза од нивната програма за роботакси превоз: тестирања на јавни патишта без човек зад воланот. Модифицираните електрични SUV возила Lucid Gravity сега сообраќаат во делови од заливската област на Сан Франциско без безбедносен возач, како подготовка за комерцијално пуштање на услугата во почетокот на 2027 година.
Почетните тестирања се одвиваат во Пало Алто, Маунтин Вју, Лос Алтос и Санивејл. Компаниите планираат во текот на следната година да ја прошират програмата и во други градови од заливската област. По оваа фаза, вработените во партнерските компании треба да почнат да ги користат автономните возила за превоз, пред услугата да стане достапна за пошироката јавност.
Возилата го користат системот Nuro Driver, кој е наменет за автономно управување од четврто ниво. За следење на околината се потпира на камери со висока резолуција, лидар-сензори и радари. На покривот има и светлосен елемент што може да ги прикажува иницијалите на патникот и информација за преземањето.
Тестирањата без возач се овозможени откако партнерството добило дозвола од калифорнискиот Оддел за моторни возила за тестирање автономни возила без лице зад воланот. Претходно, Lucid Gravity возилата биле тестирани со безбедносен возач, а програмата минала низ речиси една година надгледувани возења во заливската област и во Хјустон. Nuro го тестирал софтверот и на затворена патека во Лас Вегас, со сценарија што опфаќаат сложени и ризични ситуации во сообраќајот.
Lucid веќе испорачал повеќе од 100 унапредени примероци на Gravity за програмата. Производството на возилата за комерцијалната флота се очекува да почне во наредниот период.
Кога услугата ќе стартува, корисниците во заливската област ќе можат да повикаат роботакси преку апликацијата Uber. Хјустон е планиран како следен град во кој услугата би се проширила подоцна во 2027 година. Uber, во меѓувреме, има обврска да набави најмалку 35.000 возила од Lucid во следните години, вклучително и идниот модел од средна класа на производителот.
