Американските обвинители пронашле стотици аудиодатотеки на компјутерот на Абдулрахман Алфозан, поранешен вработен во OpenAI кој е обвинет дека тајно снимал разговори во просториите на компанијата.

Според судски поднесоци за кои известува Bloomberg, десетици од снимките потекнуваат од состаноци и разговори одржани во OpenAI во септември. Дел од нив наводно содржат дискусии за партнерства, способности на компанијата и информации што би можеле да се сметаат за деловни тајни.

Случајот почна откако во извршната конференциска сала на компанијата бил откриен скриен уред за прислушување, поставен зад телевизор. Истражителите го поврзале уредот со Алфозан, по што тој бил уапсен и отстранет од компанијата.

Обвинителството наведува дека аудиодатотеките биле внимателно организирани по датуми и преименувани според содржината. На неговиот компјутер биле пронајдени и транскрипти од разговорите, а дел од снимките биле поставени на Dropbox. На запленетиот телефон, пак, истражителите нашле фотографии од документ за стратешко партнерство означен како доверлив.

Федералните обвинители побарале од судот да не го пушти Алфозан со кауција додека трае истрагата. Како причина се наведуваат неговите ограничени врски со САД и значајните контакти што ги има во Саудиска Арабија. Во судските документи се посочува и дека тој бил во честа комуникација со лица поврзани со саудиската влада во периодот кога ги снимал и обработувал разговорите.

Алфозан ги негира наводите дека зел деловни тајни за Саудиска Арабија. Неговиот адвокат тврди дека тој нема посебни или прикриени врски со тамошната влада.

Во обвинението од 27 октомври, Алфозан е обвинет за незаконско пресретнување усни комуникации, а не за кражба на деловни тајни или економска шпионажа. Тој побарал кауција од еден милион долари, но судот би можел да го одбие тоа барање. Можно е да следуваат и дополнителни обвиненија, во зависност од тоа што ќе утврди истрагата за намената и евентуалното споделување на снимките.