Европската комисија води разговори со Apple околу правилата што, според развивачите на прелистувачи, им го отежнуваат користењето на сопствена технологија во апликациите за iPhone.
Разговорите следуваат по отворено писмо поддржано од Mozilla, Shopify и коалиција што претставува до 55.000 бизниси и организации во Европската Унија. Потписниците сметаат дека Apple формално дозволила алтернативни технологии за прикажување веб-страници, но дека поставените услови не овозможуваат тие реално да се применат.
Спорот се однесува на browser engine, односно основната технологија што ги прикажува веб-страниците. Firefox на iPhone има сопствен изглед и функции, но за прикажување содржини користи WebKit на Apple, истата основа што стои зад Safari. Mozilla сака да го донесе Gecko, engine-от што го користи Firefox на Mac, со што би можела да понуди дополнителни Firefox функции и на iPhone.
Apple во Европската Унија почна да дозволува други engine-и со iOS 17.4, во рамки на обврските од Законот за дигитални пазари, познат како DMA. Сепак, Mozilla тврди дека не може едноставно да ја ажурира постојната Firefox апликација и да ги префрли корисниците на Gecko.
Според организацијата, за тоа би требало да објави втора, одделна Firefox апликација. Корисниците потоа би морале сами да ја преземат новата верзија и рачно да ги пренесат обележувачите, лозинките и историјата на прелистување. Коалицијата наведува дека ниту еден производител на прелистувачи не успеал да ги префрли своите постојни корисници во ЕУ од WebKit на сопствен engine, повеќе од две и пол години по рокот за усогласување на Apple со DMA.
Потписниците бараат Европската комисија да отвори формална постапка и да наложи отстранување на, како што ги опишуваат, техничките и практичните пречки.
Од Комисијата потврдиле дека се во дијалог со Apple и дека ги консултираат потписниците за тоа како конкурентските прелистувачи би можеле да се натпреваруваат со Safari на уредите на компанијата. Европската унија ја смета конкуренцијата меѓу прелистувачите за важна DMA тема, бидејќи тие имаат клучна улога во пристапот до интернет и досегот на издавачите до читателите.
Apple, пак, наведува дека нејзините барања се наменети за заштита од злонамерни веб-страници и други безбедносни ризици. Развивачите што сакаат одобрување мора да исполнат услови за приватност и безбедност, како и навремено да ги отстрануваат откриените ранливости.
