Huawei ги засилува напорите за развој на домашни алатки за електронска автоматизација на дизајнот, познати како EDA, кои се клучни при планирањето, проектирањето и производството на современи чипови. Компанијата работи со Phlexing Technology на софтверски синџир наменет за нејзината стратегија Tau Scaling Law.
EDA опфаќа софтвер, хардвер и услуги што производителите на полупроводници ги користат од почетната фаза на дизајн до подготовката за производство. Пазарот во оваа област во голема мера е предводен од Cadence Design Systems, Synopsys и Siemens. Но, американските извозни ограничувања го ограничија пристапот на Huawei и други кинески компании на црните листи до дел од овие технологии.
Huawei е на американската црна листа од 2019 година. Поради ограничениот пристап до водечките EDA решенија, нејзината дивизија за чипови HiSilicon почнала да развива сопствени алатки со помош на Phlexing Technology.
Во фокусот на нивната соработка се платформите GloryBolt и GloryEX. Тие се создадени за дизајнирање чипови што користат напредно пакување, особено 3D хибридно поврзување. Со ваквиот пристап, повеќе слоеви и компоненти се комбинираат во еден пакет, со цел да се добие поголема густина на транзистори на иста површина.
Тоа е важен дел од пристапот Tau, со кој Huawei се обидува да надомести дел од разликата во производствените процеси. Кинескиот производител Semiconductor Manufacturing International Corporation, или SMIC, може масовно да произведува чипови приближно на ниво на 7-нанометарски процес. Во меѓувреме, TSMC започна производство на производи од 5-нанометарска класа во 2020 година, а масовното производство на чипови од 2-нанометарска класа го почна кон крајот на 2025 година.
За 3D пакетите се потребни поинакви EDA способности од традиционалните решенија, кои главно се насочени кон еден производствен процес. Новите алатки треба да ги поврзат и разгледаат повеќе процеси истовремено, како и прашања поврзани со различни размери, структури и физички влијанија.
Phlexing и Huawei почнале заеднички да развиваат комплет за дизајн на процеси, односно PDK, во 2024 година. Според компанијата, овие технологии веќе се пуштени во употреба. Тие би можеле да бидат основа за поголеми и посложени процесори со повеќе чипови во едно пакување.
